Судиите Фаик Арслани, Џемали Саити, Африм Фидани, Снежана Бајлозова и Јелица Крстевска овој месец треба да одлучат за вонредно преиспитување на затворската казна на поранешната министерка Гордана Јанкулоска за нелегалната набавка на „Мерцедесот“.
В.Д. претседателот на судот Арслани направи промени во распоредот на судиите по жалбите во Судскиот совет дека нема доволно судии во највисокиот суд, а тоа се однесува и на кривичниот совет кој треба да одлучува дали ќе ја прифати или одбие жалбата на Јанкулоска.
На 24 јуни Врховниот суд го прифати барањето на Јанкулоска за вонредно преиспитување на пресудата и ја одложи затворската казна. Таа првично беше осудена од судијката Добрила Кацарска на шест години затвор за злоупотреба на службената положба и овластувања, додека пак Апелацискиот суд и ја намали на четири години.
Извршувањето на казната се одложи затоа што нејзиното бебе немаше наполнето ни една година, во исто време и Врховниот суд го прифати нејзиното барање со времена мерка за одлагање на извршувањето на казната, дури судиите не одлучат за пресудата.