Самонаречената саудиска принцеза се избори за правото да го задржи имотот вреден 14 милиони фунти (речиси 20 милиони евра) и покрај тврдењата дека таа е, всушност, проститутка која го измислила својот идентитет на саудиска принцеза, пренесува „Дејли мејл“.
Сара Ал Амуди (33), која тврди дека е ќерка на саудиски милијардер, ја тужеле Иан Патон и Аманда Клатербак бидејќи со измама ги натерала да и препишат шест првокласни станови во лондонскиот кварт Вест Енд. Тие сега бараат судот да ја принуди да им ги врати недвижностите.
Но, судот го одбил барањето на двојката со образложение дека мистеријата околу нејзиниот вистински идентитет е, всушност, неважна за целиот случај. Судијата рекол дека нема докази дека Ал Амуди го користела својот наводно кралски идентитет за да го наговори Патон – кој тврди дека и бил и таен љубовник – и Клатербак да и ги препишат становите, па пресудил дека Ал Амуди може да ги задржи вредните недвижности.
Сара Ал Амуди, наводно илегална имигрантка од Етиопија, сега слободно може да ги продаде или да ги изнајми повеќемилионските станови.
Сара на судот ги отфрлила обвиненијата дека е, всушност, проститутка и лажна принцеза и додала дека ќе ги искористи становите за да го надомести износот од неколку милиони кои наводно му ги позајмила на Патон и тоа во готовина, во куферите пристигнати од Саудиска Арабија.
Поврзано со нејзиниот идентитет, вели дека побегнала од својата татковина поради заканите со каменување бидејќи се вљубила во Британец во 2001 година. Исто така, Сара вели дека како малолетничка била невеста на саудискиот крал, а во текот на судењето барала да и се дозволи да има покриено лице со бурка,бидејќи е посветена муслиманка. Но, подоцна се испоставило дека сето изговорено била една огромна лага.
Нејзиниот извод од матичната книга на родените е лажен, а таа е, всушност, 45-годишната Етиопјанка Лина Абдулахи Идрис.
Саудискиот милијардер за кого тврдела дека и е татко, јавно ја отфрлил било каквата поврзаност со неа.
На судот исто така се дознало и дека пред својата епизода како саудиска принцеза, била проститутка и љубителка на кокаин која еднаш, додека била во собата со еден богат клиент, ја уловила неговата бесна сопруга. Токму таа во весниците ја видела фотографијата на наводната принцеза, ја препознала и се му открила на судот и во јавноста.
Адвокатот на Клатербак и на Патон рекол дека комплетната приказна е една голема лага, меѓутоа, адвокатот на обвинетата лажна принцеза ги игнорирал тие тврдења велејќи дека тие податоци воопшто не се важни за случајот. Судот ја потврдил претходната пресуда според која на измамничката и остануваат недвижностите, а Клатербак и Патон ќе мора да ги платат судските трошоци од околу 1,5 милиони фунти (повеќе од 2 милиони евра).