Наставникот кој пред два дена со дрвен стап натепал ученик во основното училиште „Живко Брајковски“ е суспендиран додека не се расчисти случајот, велат во општината Бутел.
– На 8 мај 2018 година, градоначалникот на Општина Бутел Велимир Смилевски и Одделението за јавни дејности, беа известени за физичко малтретирање на ученик од страна на наставник во основното училиште „Живко Брајковски“. Помошник-директорот и педагогот на училиштето веднаш го информирале родителот на ученикот и го повикале во училиштето. Извршен е разговор со ученикот, родителот и наставникот. По разговорот, родителот го однел ученикот во здравствена установа, каде што е извршен преглед и е утврдено дека ученикот има видливи повреди. По извршениот преглед, по службена должност лекарот го пријавил случајот во МВР од каде што ги посетиле родителот и училиштето за прибирање информации и изјави од службите и од одговорните лица – велат од Општината Бутел.
МВР потврди дека настрадал 13 годишен ученик, кој со стап бил тепан од неговиот учител, а како што информираа медиумите, тепачот бил наставник по албански јазик и книжевност.
Од Општината додаваат дека согласно Законот за основно образование и Законот за работни односи, раководниот орган на основното училиште истиот ден донел одлука за суспензија на наставникот до конечното решение, а според мислење на дисциплинска комисија, конституирана на седница на училишниот одбор.