Суспензија е најмалку што му се заканува на анестезиологот од КАРИЛ кој незаконски работел во Санте Плус и бил на царскиот рез на родилката од Кичево која наводно починала како последица од анестезијата, дознава Сител од извори на Клинички. Лекарот не ги исполнувал ниту условите за дополнителна дејност бидејќи бил само една година специјалист, а истиот ден кога починала родилката дошол и на дежурство во Клиника за анестезија и реанимација. Директорот на ТОАРИУЦ Илир Хасани вели дека установата со која раководи нема договор за соработка со Санте Плус. Ќе чекаат официјална информација од стручната комисија формирана од МЗ за да преземат соодветни мерки против анестезиологот.
-Проверив и во архива дали има некој договор од порано, но нема. Кога ќе добиеме податок од комисијата дека мој вработен незаконски бил таму, тогаш ќе има дисциплинска комисија и ќе бидат преземени сите мерки согласно законот, изјави Илир Хасани, директор на ТОАРИУЦ.
Неофицијално, била вистинска драма во Санте Плус кога родилката која добила целосна анестезија за породувањето, почнала да се гуши и дошло до затворање на дишните патишта. Ставот на болницата е дека дошло до шок од анестезијата и таква компликација не можела да се предвиди. Но лекари од скопските клиники коментираат дека родилката можела да остане жива доколку и била направена трахеотомија. Целокупната документација како и начинот на породување го истражува стручната комисија на Министерството за здравство, која треба да утврди дали биле направени пропусти и каде починала 31 годишната жена.
-Според информациите кои ја ги имам од вработените е дека жената била донесена мртва, и покрај тоа е пристапено кон реанимирање, но без успех, вели Хасани.
Од судска медицина прават дополнителни лабораториски анализи за утврдување на причините за смртта.
Според информации на Сител, доколку се најдат медицински пропусти, на анестезилогот му се заканува и времено одземање на лиценцата за работа.
Во меѓувреме, новороденчето кое на на одделот за интензивна нега на детсдка клиника е во подобрена здравствена состојба, а како што дознаваме, семејството на починатата родилка утрово имале средба со министерот Филипче.
Sitel.mk