Ќерката на турскиот песдател Реџеп Таип Ердоган, Сумеја Ердоган (31) денес се венчаше со својот избраник Селчук Бајрактар, син на турскиот бизнисмен Јоздемир Бајрактар.
На граѓанската венчавка присуствувале поранешниот претседател на Турција, Абдула Ѓул, премиерот на Турција Ахмет Давитоглу, началникот на Генерал штабот на Турција, членот на претседателство на Босна и Херцеговина Бакир Изетбеговиќ, премиерот на албанија Еди Рама, премиерот на Пакистан Наваз Шериф како и многубројни државни официјални лица, бизнисмени и уметници.
Церемонијата се одвивала под засилени безбедносни мерки. На венчавката бил прикажан краток филм кој започнал со фотографии од Сумеја и нејзиниот татко додека била дете. Покрај тоа во филмот биле прикажани и детали за приватниот живот на Сумеја и нејзините интереси. На сличен начин бил прикажан и филм за младоженецот. Церемонијата се одржала во големиот конгресен центар во Истанбул, а присуствувале дури 6.500 гости.
Сумеја и Селчук се свршиле на интимна церемонија во еден локал на Босфор на 20 март, под засилени безбедносни мерки. Иако свршувачката првично била планирана за 12 март, двојката морала да ја одложи за една недела подоцна, бидејќи таткото на Селчук, кој е сопственик на технолошката компанија „Бајкар Макине“, бил хоспитализиран поради проблеми со срцето.
Ќерката на Ердоган студирала социологија и политички науки на Универзитетот во Индијана во САД, пред да се здобие со мастер диплома по економија во Лондон.
„Бајкар“ компанијата која ја води нејзиниот свршеник Селчук Бајрактар , неговиот татко Јоздемир Бајрактар и неговите двајца браќа, развива безпилотни возила за турската војска и за другите земји.
Во поканата за свадбата било посочено дека ги замолуваат гостите наместо букет цвеќе за нив да донираат пари за турските вооружени сили во фондот за поддршка на турската полиција. Сумеја е најмладата од четирите деца на Ердоган.