Во кривичниот суд во Скопје продолжи испитувањето на загрозениот сведок во случајот ,Монструм”. На замаглен екран и со модифициран глас, загрозениот сведок го испитуваа судиите.
– Чув истрели пред да ги видам телата – рече загрозениот сведок. Се присети дека околу езерото имало шамаци со жолтозелена боја со висина од 1,5 до 2 метри. Тој не се сети дали обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ ги видел кај езерото.Сведокот рече дека не видел кој пукал во жртвите.
– Ова не е загрозен сведок, туку лажен сведок – рече адвокатот на обвинетите, Насер Рауфи.
Денешниот главен претрес покажа дека овие обвинети немаат врска со овој настан и дека овој загрозениот сведок е лажен и наместен, рече во изјава пред судот, адвокатот на обвинетите, Насер Рауфи.
– Од денешниот исказ на загрозениот сведок испаѓа дека тој ги слушал истрелите, а мислам дека одговори и дека дури и видел кој пука, но потоа се премисли и кажа дека не видел. Јас сум сигурен дека и знае кој пукал, но не знам од кои прични не ги посочува тие што се извршители на ова дело – рече Рауфи.
Судијата Огнен Ставрев рече дека постапката за нивната екстрадиција од Косово е интензивирана.