Трагедија со среќен крај, таква е животната приказна на Спирко Савески од Прилеп. Македонецот од третата класа кој го преживеал Титаник. Пред точно 103 години на овој ден, Спирко се качил на најлуксузниот брод за да ја зеде заработувачката од Америка и да се врати конечно дома во родното село Стровје.
Најмладиот син Цветко за Сител, низ солзи раскажува за својот татко, несреќата , борбата за живот и желбата да се врати што поскоро кај своето семејство. Роден 1988 , сираче од сиромашна фамилија, сам препуштен во суровите канџи на животот во прилепско. Се оженил млад но како дрво секач не заработувал доволно за да ги нахрани гладните усти на своите дечиња.
Решил да замине во ветената земја, каде работа се нудела секому, а парите доаѓале лесно. Стасал во Њујорк од каде потоа се преселил во Чикаго.По неколку години успеал да стане човек, џебот го полнел лесно, стекнал многу пријателства па отворил и своја фарма. Се зажелел за својот дом, сопругата и децата. По краток престој во Прилеп, тргнал повторно но само за да го собере своето спечалено богатство. Патот кон ќесето пари е секогаш трнлив, раскажува дедо Цветко. Неговиот татко купил карта од белградските агенции за раскошниот Титаник со кој наместо во Њујорк, патувањето го завршил во санта мраз во Северниот Антлантик. Некаде околу полноќ, мирното патување се претворило во вистински кошмар. Како ѕвезда да паднала во бродот раскажувал неговиот татко.
Привилегирани биле само најбогатите, први биле спасувани децата, но за жал голем дел и од нив загинале. Спирко не можел да се качи на чамец, па откинал дел од дрвената бродска ограда.Со тешки изгореници по телото, држејќи се за дрвото пловел два дена во студениот океан, се додека не наишол бродот кој патувал кон Англија. Во меѓувреме домашните мислеле дека починал во несреќата.
Прилепчанецот Спирко се вратил дома без скршена пара но жив и полн спомени за ветената земја и фракот кој го купил од првите тешко заработени пари во Чикаго. Спирко не само што ја преживеал катастрофалната несреќа со бродот Титаник, туку живеел и 88 години. Неговиот најмал син дедо Цветко е последниот од 9 те деца кој сведочи за една поинаква и среќна судбина на печалбарецот кој стана дел од трагичната приказна за најголемата бродска несреќа во светот.