Свети пророк Илија (Илинден), 2.VIII./20.VII.
Пророк кој пали и гаси на небото и земјата
Во народното верување свети Илија се смета за клучар кој го отклучува или заклучува небото и го пушта или запира дождот, бидејќи се верува дека тој повела со летните грмотевици.
Именден празнуваат: Илија, Илко, Илинка, Илинденка, Илина, Иљо, Илчо…
Големиот македонски празник Илинден кој во свеста на македонскиот народ најповеќе асоцира на славното Илинденско Востание и на Крушевската Република, сепак, во својата основа го има свети Илија, лик од христијанската религија кој има значајно место и во народните верувања.
Пророкот Илија живеел околу 900 години пред Исус Христос (поточно е роден во 816 година пред Христа) во местото Тесвит, поради што во Библијата се среќава како Тесвиќанин. Кога се родил Илија татко му Савах видел необичен знак, околу детето имало многу Божји ангели гои го повивале со оган и му давале пламен да јаде. Ова видение таткото го раскажал на свештениците, а еден од нив му рекол да не се плаши зашто детето ќе биде под Божја заштита, зборот ќе му биде силен како оган, животот ќе му биде посветен на Господа и ќе суди со меч и со оган. Името Илија значи крепост Господова. Целата младост Илија ја минал во молитви, често повлекувајќи се во пустина за да може во тишина да се моли и да размислува.
Во тоа време еврејските цареви се откажале од Божјите дарови и им се приближиле на идолските богови. Најдалеку во тоа отишол царот Ахав со неговата пакосна жена Језавела кои на богот Вал му изградиле храм и го терале народот да му се моли, откако ги позатвориле или истепале Божјите пророци и сите оние што му биле верни на Господа. Тогај кај царот дошол Илија којшто му соопштил дека поради неговите гревови ќе страда целиот народ. „Во овие години нема да има роса, ниту дожд, освен според мојот збор“.(3 Цар, 17/1). Наместо да се покајат, Ахав и жена му сакале да го убијат Илија, но Господ го спасил и го испратил кај потокот Хорат спроти Јордан. „…од тој поток ќе пиеш, а на гавраните сум им заповедал да те хранат таму“. (3 Цар, 17/4) Така и се случило, но кога настанала голема суша поради што и потокот пресушил Господ го пратил Илија во сарепта Сидонска кај една жена вдовица што живеела со својот син. Таа била многу сиромашка и кога Илија пристигнал кај неа имала само „грст брашно во ношвите и малку масло во масларникот“, но со негова молитва тоа никогаш не се завршило. Кога по извесно време починал синот на вдовицата Илија се помолил на Господа и тој воскреснал.
По Божја промисла се вратил кај царот Ахав и му предложил да ги собере сите жреци од храмот на Вал и да ги изведе на ридот да се молат за дожд. На ридот се собрал и многу народ, а Илија им рекол најпрвин да направат жртвеник и да се молат секој на својот Бог и кој ќе им даде оган да го запалат жртвеникот во него да веруваат. Жреците со часови го молеле богот Ваал, но без успех. Потоа Илија зел дванаесет камења „колку што се колената на синовите на Јакова“ и од нив направил жртвеник и убаво го потурил со вода. И уште не ја завршил молитвата кон својот Бог кога од небото паднал оган и го запалил жртвеникот. „И оган Господов падна и ја изеде сепаленицата и дрвата и камењата и земјата и ја голтна водата што беше во копот. Кога виде тоа сиот народ падна ничкум и рече: Господ е Бог, Господ е Бог“. (3 Цар. 18/38-39) Потоа биле истепани сите пророци на богот Ваал. Илија се помолил на Господа и по три години и шест месеци откако земјата испукала и многу луѓе изумреле, повторно паднал спасоносниот дожд. Но поради убиството на лажните пророци Илија пак морал да бега пред бесот на царицата Језавела и да се крие во Божјата гора Хорив. Оттаму се вратил кај царот Ахав и му прорекол лоша судбина дека кучињата ќе му ја лижат крвта и ќе ја изедат царицата. Тоа и се остварило.
Пред крајот на животот Илија за свој наследник во пророкувањето го одредил Елисеј. Кога дошло времето за тоа, Господ испратил по Илија огнена кочија што ја влечеле пламени коњи. Илија седнал во неа и таа се подигнала кон небото, а тој му ја фрлил својата горна облека на Елисеј, пренесувајќи му ја на тој начин дарбата за пророкување. И на иконите и фреските свети Илија е претставен во кочија што неколку коњи ја влечат кон небото. Тој му ја пушта од височина својата облека на Елисеј и со тоа му ја предава и моќта да пророкува. Значи пророчкиот дар се пренесува преку облеката. На други претстави во црквите св. Илија е претставен како седи, а до него стои гавран, оној што го хранел во пустината.
Кога Исус се преобразил на ридот Таор (на Преображение), за да им покаже на своите апостоли како ќе воскресне после смртта, за што ги повел и апостолите Петар, Јаков и Јован, тука се појавиле и Мојсие и Илија (кои одамна биле умрени). Тие зборувале со Исус за тоа што ќе се случи по неговата смрт.
Во чест на пророкот Илија Светата христијанска црква го востановила празникот што се празнува на 2 август според новиот, односно на 20 јули според стариот календар.
Бидејќи во народното верување Св. Илија се смета за клучар кој го отклучува или заклучува небото и го пушта или запира дождот, бидејќи се верува дека тој повела со летните грмотевици, очигледно е дека врз св. Илија се пренесени многу елементи на врховниот пагански бог на Словените, громовникот Перун.
Останало забележано во записите на Марко Цепенков дека „во летно време кога да биет ровја, св. Илија трчал со кочијата по облаци, за да ја втаса ламјата и штотуку да ја втасал ќе врлел со еден камен морски и одошто силно ќе удрел со камчето, огон силен излегувало и кај ќе удрело ќе расипело и ќе убиело. Ламјата од страв кај ќе и се вдаит, тамо ќе се скриет, за да не ја убиет. Тешко му кај ќе се скриет.“ И во Кумановско Свети Илија се држи како празник и не се работи од страв да не бијат громови по полето, луѓето и стоката и сл.