Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 1 септември, денот на Преподобен Симеон Столпник. Именден празнуваат: Симо, Симеон, Симонка, Симон, Симона, Симка…
Со празникот Свети Симеон е поврзано есенското засејување, што е проследено со посебни обичаи и верувања, иако тие се различни во разни краишта на Македонија имаат и многу заеднички елементи.
Народното верување уште вели дека на овој ден започнува црковната година и дека по календарот што започнува со овој ден се раководеле светците како Божји луѓе. Се верувало и тоа дека на тој ден Господ на некои умрени што доволно се покајале им ги простувал гревовите.
Исто така се верувало дека на овој ден не се давало заем и не се изнесувало ништо од дома за да не се разнесе касметот, а ако некој барал нешто заем за да не се налути му се велело „семе изнасамо“.