Денеска е празникот на лозарите – денот кога се закројува лозјето – празникот на винарите, на виното, на љубителите на овој пијалок на боговите – Среќен Св Трифун.
Се родил околу 225 година во селото Комсада, во римската малоазиска провинција Фригија. Родителите му биле христијани, а така и го воспитале, така што уште од мал имал голема љубов кон Бога. Кога во 249 година на римскиот престол дошол Декиј Трајан, за христијаните почнал еден од најлутите прогони во последните три века. Славата за доблесниот живот и чудата што ги правел свети Трифун дошла и до тогашниот управник на источните римски земји Аквилијан. Тој под стража го довел свети Трифун во Никеја, седиштето на источната власт. Изведен пред суд, свети Трифун не се откажал од Христа и по долго измачување пострадал маченички.
Момчето што на 17- годишна возраст со Божја помош ја излекува царската ќерка Гордана која што не можеше да ја излекува ниту еден лекар во империјата се стекна со голема слава и настрада на 21-годишна возраст, но остана во споменот на целиот христијански православен свет како поим за младост и доследност на христијанските традиции. Подоцна за свој покровител го зеле градинарите, лозарите и меанџиите.
Со Божја помош лечел болни од разни болести и од луѓето ги бркал лошите демони. За неговите чуда се раскажувало во целата империја поради што бил викнат во Рим кај царот Гордијан, кого што во тоа време го снашла голема несреќа, бидејќи ќерка му Гордана се разболела од душевна болест и не можел да ја излечи ниту еден лекар во империјата. Во еден момент нечистиот дух од неа проговорил дека никој не може да го избрка освен Трифун.
Најпосле, по Божја промисла во Рим пристигнало и младото, 17-годишно момче од Кампсада, кое што за кусо време ја излечило царската ќерка и се стекнало со уште поголема слава. Од царот било дарувано со многу дарови кои на враќање им ги разделило на сиромасите.
Свети Трифун со маченичка смрт умрел за време на царот Децие кога бил вршен голем прогон на христијаните. Од обласниот римски царски намесник по име Аквилин бил повикан да дојде во Никеја каде што било седиштето на обласната управа и му било предложено да се откаже од Исус и на римските богови да им принесе жртви. Трифун го одбил тоа поради што бил многу мачен. Бил обесен на дрво и тепан со прачка, потоа бил врзан за опашката од коњот и влечен низ полето, а кога и со тоа не го заплашиле го осудиле да му биде пресечена главата со меч.
Но пред да биде извршен тој чин, додека војниците го воделе надвор од градот Трифун се молел на Бога да му ја земе душата и кога дошле на местото за егзекуција тој ја предал душата пред мечот на џелатот да падне на неговиот врат. Тоа се случило на 14/1 февруари 248 година (според други во 250 година), кога имал само 21 година. Локалните верници го погребале на своите гробишта, но тој им се јавил на сон и посакал да биде погребан во своето село. Оваа желба му била исполнета и подоцна моштите му биле пренесени во неговото родно село.