“Живеам од и за музиката. Ништо друго незнам да работам, освен да пеам и кога ми се плаче, да ги забавувам другите и кога ми е најтешко- а честопати е повеќе тешко, отколку лесно” – вака ја започнува својата животна приказна, уличниот музичар Слободан Симоновски, за Фактор.мк.
Низ градот го знаат како Цобе, кој веќе пет години, со својата гитара, свири на отворено, во Градскиот Трговски Центар. Вели, луѓето ме познаваат, ја познаваат и мојата музика, сакам рокенрол, и се трудам да ја доловам колку што можам поавтентично секоја песна, до оние кои веќе се навикнати да ги слушаат песните кои ги изведувам. И на топло и на ладно, неговите раце се навикнати да свират.
Во зима, вели, му е потешко, бидејќи ниските температури го кршат и најсилниот јунак.
“Колку и да сакам, неможам повеќе од два –три часа да бидам на отворено. Покрај мене секојдневно минуваат илјадници лица, некои ги познавам бидејќи не ме одминуваат а да не ме поздрават, да се насмевнат и да ме прашат како сум! А, тоа верувајте многу ми значи. Вадам колку за леб и да го поминам денот. Со мене веќе пет години свири и мојот пријател и колега Ванчо Арсов, но тој на крајот од денот има семејство каде да се врати. Јас останувам сам со мојата гитара. Таа е, морам да признаам , мојот најверен пријател.
Животот на улица е многу тежок. Немам семејство, немам роднини, само неколку пријатели со кои не ме врзуваат многу убави нешта. Сакам да му се радувам на животот, но немам конкретно на што, освен на музиката. Кога свирам некои песни во кои многумина препознаваат радост, мене ми плаче душата, зошто можеше да биде поинаков и подобар и мојот живот. Поминав низ многу животни искушенија, се борев со алкохолот и сеуште ја водам таа битка на искушенија.
Испуштив неколку животни прилики да создадам семејство, nемам постојано место на живеење. Ме бркале од многу места и затоа немам постојано место кадешто можам да преноќам. Во петок одам во пунктот за бездомници во Момин поток, да се избањам, да каснам топол оброк. Летно време можам полесно да се снајдам, во зима е многу тешко. Понекогаш останувам во пунктот, но само накратко, а храна и топол кревет требаат секој ден нели?”- вели уличниот музичар Слободан Симоновски-Цобе.
Мене често ми се случува додека свирам, да застанат некои луѓе и со потсмев да ми речат “фати се за мотика, а не за музика!”. Тоа според мене може да го каже само некој многу зол, гневен или некој кој никогаш не ја сакал или почуствувал силата на музиката. Музичарите ќе ме разберат, како е да се живее од и со музика”-додава Цобе.
Она што влева трошка надеж и среќа кај нашиот соговорник, се новогодишните празници. И тој, како и повеќето граѓани со воодушевување ги чекаат. Но, едни за да ја збогатат семејната атмосфера, со свеќи, богата трпеза, подароци и топол дом, а музичарот Слободан , за да прибере денар плус за долгите зимски месеци кои го очекуваат, зошто на температури под нулата мрзне и животот на улица, кој неможе да го затопли ниту најубавата песна отсвирена на гитарата на Цобе.
Целата сторија прочитајте ја на – Фактор.мк