Агенцијата за контраразузнавање ќе се раздели од МВР, а тајната служба задолжена за тоа, УБК ќе го смени името и ќе се вика Агенција за национално разузнавање. Со измените на законодавството, поголема улога добива и претседателот на владата, информира Телма телевизија. Премиерот според предлогот ќе го предлага директорот на новата УБК, а исто така ќе ја води и координацијата на националната разузнавачка заедница, во која ќе разменуваат информации сите три тајни служби, новата агенција, агенцијата за разузнавање и военото разузнавање. Од владата информираат дека реформите се по европски терк и ќе спречат злоупотреби на службата која секогаш беше посочувана како креатор на македонските политички кризи,.
Агентите на тајната служба ќе останат и без полициски овластувања бидејќи досега и тие можеа да истражуваат случаи, да легитимираат граѓани, да употребуваат пендреци. Најголем дел од познатите истраги изведени помеѓу 2010-та и 2015-тата всушност ги водеа припадници на УБК, а не на јавната полиција, но сега веќе ќе ја немаат таа можност.
Од друга страна раководењето со контраразузнавањето, но и со целото разузнавање полека од Водно се сели на Илинденска преку новото тело за координација кое ќе го води премиерот.