Таравари ја започна кампањата „Вистината за ДУИ”: Граѓаните плаќале струја на кафана


Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, денеска ja зaпочна кампањата наречена „Вистината за ДУИ”, во чии што рамки во континуитет ќе држи прес-конференции на кои, како што најави, ќе ги обелоденува сите злоупотреби извршени од страна на поранешното раководство на Општина Гостивар, а кои ги констатирала внатрешната ревизија.

– Има многу скандали, почнувајќи од полицијата, образованието, областа на урбанизмот, работата на општинската администрација и така натаму. Неколку внатрешни ревизии веќе се завршени, некои се во тек, а со ревизии ќе се продолжи сè додека не се открие и последната злоупотреба. Денес, пред вас ќе го обелоденам случајот со кафетеријата кај ЈПССО „Риниа” – Гостивар. Овој локал му е изнајмен на лицето Гази Фејзи за надоместок од само 5.000 денари месечно и тоа за период од 20 години. А најскандалозен е фактот што оваа кафетерија го блокира влезот на спортската сала каде што се одржуваат натпревари во првата кошаркарска лига и се собираат повеќе од 2.000 гледачи на кои им се загрозува безбедноста. Второ, истата кафеана користи електрична енергија и вода од спортската сала, значи тоа го плаќаат граѓаните на Гостивар – посочи Таравари.

Тој исто така кажа и оти со пари од Јавното претпријатие, се плаќале и одредени даноци и такси на кафетеријата.

Таравари рече дека ќе разговара со новиот директор на спортската сала, за да се обиде да го раскине договорот со менаџерот на кафетеријата. Што се однесува до мерките кои ќе бидат преземени, тој истакна дека во надлежност на општината е да се утврдат злоупотребите преку ревизија и да се сигнализира до надлежните истражни органи. Потоа, како што рече, им преостанува ним да преземат соодветни дејствија за подигање одговорност.

Градоначалникот на Гостивар зборуваше и за обвиненијата од поранешниот градоначалник Бејта за предложениот буџет за 2018 година.

– За мојот кабинет сум предвидел околу 15 илјади евра помалку од поранешниот градоначалник Невзат Бејта за 2017 година, а и другите непродуктивни расходи предвидени за буџетот за оваа година се пониски во споредба со буџетите од претходните години – рече Таравари.

Тој исто така, посочи и дека е отворен за соработка и оти ќе направи се што е во негова моќ за да почне советот да одржува седници.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1