Телата на загинатите ги пронашле под керамидите и гредите – 22 пожарникари се бореа со пожарот


Околу 22 пожарникари три часа се бореле утрово со пожарот кој беснееше во домот на семејството Зулбеари, во кој животот го изгубија 38-годишната мајка Фатиме и нејзините четири деца на возраст помеѓу шест и четиринаесет години, дознава Фокус.

-Опожарен е покривот и горниот кат на куќата, а во пожарот настрадале неговата 39-годишна снаа Ф.З. со четирите малолетни деца, три машки и едно женско, на возраст од 6, 9, 12 и 14 години, информираат од МВР.

По првиот повик на лице место пристигнале неколку противпожарни возила и 13 пожарникари. Потоа им се придружиле уште девет, како засилување, затоа што пожарот ги зафатил и соседните две куќи.

Местоположбата на куќата била незгодна, затоа што се работи за густо населена населба. Куќите на ова место се слепени едно до други, поради што лесно можело да дојде до проширување на пожарот.

-Три часа работевме офанзивно да го ставиме пожарот под контрола. Сега е локализиран, но таму се уште пожарникари затоа што од некои места се крева чад  – вели командирот на тетовската противпожарна единица, Ука Алити.

Вели дека куќите на ова место се стари по 50 до 60 години и дотраени, а и тоа што се слепени едни до други ги прави лесно запалиливи.

-Тоа таму е барут за огнот – вели командирот.

Телата на жртвите кои настрадаа во огнот се најдени под опожарните греди и ќерамиди. Тие спиеле во една малечка соба на првиот кат, со површина од десет квадрати.

-Кога избувнал пожарот, пламените јазици ја опколиле куќата и прво го уништиле покривот. Кровната конструкција од горниот спрат паднала врз жртвите. Ги најдовме под ќерамидите и гредите кои се струполиле врз нив – вели Алити.

Во пожарот се спасија бабата и дедото на семејството, кои успеале да излезат навреме од опожарената куќа.

Екипа на Итна медицинска помош констатирала смрт кај петте лица и телата се предадени на Судска медицина за обдукција. Пожарот е изгаснат, а јавен обвинител и екипа од Секторот за внатрешни работи Тетово вршат увид.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1