Началникот дури не сакаше да ми даде да ги земам со мене лековите. Бев приведен без судски налог и не дадов никаков отпор бидејќи немам направено никакво кривично дело, вели градоначалникот на Општина Пустец Едмонд Темелко при гостувањто во утринската емисија „Ја сакам Македонија“ на Сител телевизија.
На прашање на гледач дали имало судски налог за апсење, Темелко рече дека таков налог немало и тоа е најголемата грешка по бруталното влегување во домот.
– Тоа е факт. Полицијата не ми даде никаков документ, ми дадоа само да потпишам дека сум приведен во полциската станица во Ресен, тоа не може никој да го негира. Побарав, ми го покажаа само документот од СЈО. Свесен сум дека немам направено никакво кривично дело и не дадов никаков отпор, само го замолив началникот да ми дозволи да се облечам бидејќи бев во пижами. Дури и тоа не го дозволуваше, да се напијам лекови. Дури не сакаше да ми даде да ги земам со мене лековите. Тоа беше нечовечко и нехумано однесување без одредена документација, вели Темелко и додава дека е достапен за сите институции.