Исламските милитанти кои ги изведоа крвавите напади во Париз, во кои според последните информации, биле убиени129 луѓе а повеќе од 350 се повредени, биле поделени во три тима, потврди вечерва јавниот обвинител на Франција, Франсоа Молан.
Мораме да утврдиме од каде секој од нив дошол и како биле финансирани за нападите, посочи францускиот обвинител.
Жалиме заради смртта на 129 лица на различни локации. Овие податоци за жал се уште се привремени и би можеле да се променат, бидејќи има поголем број ранети кои се уште се на интензивна нега. Вкупниот број ранети во моментов е 352, од кои најмалку 99 се во интензивна нега. 7 терористи се убиени додека ги изведувале криминалните активности, изјави обвинителот Молан.
Еден од убиените терористи бил идентификуван како 30 годишен француз од градчето Куркурон, 25 км западно од Париз, кој имал кривично досие, но никогаш не бил затворен.
Обвинителот Молан додаде дека сите убиени напаѓачи биле вооружени со истите оружја, автоматски пушки калашников и носеле идентични експлозивни појаси.
Се чини дека 7-мината терористи сите користеле автоматски пушки калашников и идентичен експлозив, чија цел е да предизвика најголем можен број жртви. Тоа беше пронајдено кај секој од нив, секој имаше самоубиствен појас со ТАТП, многу силен експлозив, направен од ацетон пероксид, додаде Молан.
Белгиските власти потврдија дека во големата полициска операција во предградија на Брисел биле уапсени повеќе лица, осомничени за поврзаност со нападите во Франција.
Исламистите преку соопштение објавено на интернет презедоа одговорност за страотните напади против цивилите, обичните граѓани кои синоќа престојувале во ресторани, кафе барови, рок концерт и во близина на стадионот каде се играше фудбалскиот натпревар меѓу Франција и Германија.
Џихадистите се заканија и со нови напади против француската република, заради нејзиното учество во воените операции против ИСИС.