Триесет и тригодишната тетовка Ј.А. вчеравечер пред полноќ во СВР Тетово пријавила дека два часа пред тоа враќајќи се пешки кон својот дом противправно ја лишил од слобода нејзиниот поранешен сопруг С.А.( 31 ), со кого судски биле разведени.
-Тој насилно ја внесол во возило„ Голф“ и според кажувањето на Ј.А, физички ја малтретирал, повеќе пати удирајќи ја по главата и телото, по што се упатил кон две околни тетовски села, каде продолжил со малтретирањето. Откако се вратиле назад во Тетово поранешниот сопруг и предложил да се смират и повторно заеднички да живеат, но таа одбила таква можност и тогаш ја пуштил да замине дома, информираат од СВР Тетово.
Набрзо потоа, Ј.А. го пријавила случајот на чие целосно расчистување интензивно се работи во координација со јавен обвинител, по што ќе следи соодветен поднесок.