Страницата DoNotPay е нов хит на интернет и тоа со причина. Имено, на ова место можете да го избегнете плаќањето на казната за сообраќајни прекршоци.
Оваа услуга, којашто ја осмисли тинејџерот Џошуа Браудер, на корисникот му овозможува на најдобар начин да напише жалба на својата казна. И тоа, така што писмото за жалбата да си го напише на самиот себе, а потоа единствено нешто што треба да направи е да го достави до полцијата.
Од почетокот до крајот постапката трае само неколку минути, а резултатите засега се изненадувачки добри.
Од 250.000 луѓе коишто ја користеле страницата, 160.000 луѓе се извлекле од плаќањето на казната, рекол креаторот на страницата DoNotPay.
Услугата работи на начин што на луѓето им дозволува „муабетење“ со робот кој им поставува разни прашања за да дознае каде казната е „најтенка“. Тоа ги вклучува прашањата како: „Дали сообраќајниот знак беше добро видлив?“ или „Дали мислите дека местото за паркирање било премногу мало?“.
Откако ќе одговорите на прашањата, страницата тие информации ќе ги искористи за да ја состави најверојатната причина зошто нечија казна би била неважечка. Кога ќе ви го напише писмото за жалбата, на вам останува само да го доставите до полицијата.
Оваа услуга првпат била достапна во Лондон, но потоа била постепено воведувана и во другите градови. Секако, тоа не е едноставен процес, бидејќи секој град има поинаков систем на казнување за сообраќајните прекршоци, пишува „Индепендент“.
Иако апликацијата навистина може да им биде од голема помош на луѓето кои немаат пари да платат адвокат и не знаат сами да состават писмо, а притоа мислат дека се казнети без причина, секако дека може да дојде и до злоупотреба.