Топлотен бран во Македонија – УВ индексот опасен по здравјето


Нашата територија е и ќе остане под влијание на топлотен бран кој продира од југ и истиот понатаму ќе условува понатамошен пораст на температурите а времето ќе биде стабилно, суво и сончево, информира метеорологот Славчо Попоски.

Максималните дневни температури понатаму ќе се искачуваат во интервалот од 34 до 42 степени. УВ индексот ќе има опасна вредност и ќе изнесува 9 па така на граѓаните им препорачуваме да бидат внимателни, сувото и сончево време ќе донесе зголемена опасност за појава на пожари

Општина Кисела Вода, поради топлотниот бран, а согласно препораките на Владата, од вчера до 14 август ги ослободи од работните обврски бремените жени и лицата на возраст над 60 години, информираат од општината.

Покрај тоа, локалната власт на Кисела Вода во соработка со Црвен Крст, со специјално возило на хуманитарната организација и медицински тим патролира низ улиците и по потреба интервенира и ги транспортираат лицата на кои високите температури им предизвикале здравствени проблеми до нивните домови. Воедно, на најфреквентните локации во општината се дели вода.

-Апелираме до сите наши жители да ги следат препораките и во целиот летен период и да ги почитуваат општите мерки за заштита на здравјето, за кои докторите секојдневно информираат, се вели во соопштението на општина Кисела Вода.

По прогласувањето на портокалова фаза на територијата на цела држава до 14 август годинава, поради топлотен бран, Министерството за труд и социјална политика ги повика правните субјекти да ги почитуваат препораките од Министерството за здравство донесени врз основа на заклучоците на Комисијата за следење на ефектите од високите температури.

-Согласно Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови Министерството за здравство препорачува ослободување од работните обврски на најранливите групи население, како што се – бремените жени и лицата на возраст над 60 години. Во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Се препорачува сите правни субјекти што вршат активности на отворено да ги запрат активностите во периодот од 11 до 17 часот, се наведува во соопштението од МТСП. Ова, како што се потенцира, особено се однесува на градежните работници.

Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран, како што препорачува МТСП, треба да имаат проактивен пристап и да пружат помош на осамени стари изнемоштени лица и бездомници согласно предвидените активности во Акциониот план.

-Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област, се посочува во соопштението.

Истовремено, МТСП апелира на зголемени контроли од страна на надлежниот Државен инспекторат за труд

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1