Уште една голема трагедија ја потресе македонската јавност. Трудница од Куманово синоќа почина на пат кон скопските Клиники, откако примила анестезија.
МВР информира дека и покрај сите напори на лекарите да ја реанимираат, трудницата не се разбудила по примената анестезија во кумановската болница. Се работи за 45-годишната Слаѓана Д. која инаку остави три дечиња зад себе.
Во 20 часот на скопските Клиники била констатирана смрт.
Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Куманово веднаш издаде Наредба за обдукција на телото на починатата родилка, како и насоки за прибирање информации за утврдување на причините што довеле до смртта на родилката, соопшти ОЈО.
Во текот на вчерашниот ден сега починатата 37-годишна родилка од Крива Паланка била донесена во Јавната здравствена установа Општа болница – Куманово во ОЕ за гинекологија и акушерство, каде по безуспешниот обид за спонтано породување, со одлука на надлежните гинеколози се пристапило кон породување со царски рез. Изведувањето на царскиот рез течело нормално и на свет било донесено здраво машко дете.
По будењето од анестезија на родилката и се влошила состојбата, по што итно е испратена во придружба на анестезиолог, анестетичар и медицинска сестра од интензивно лекување на скопските клиники. На Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување била примена и покажувала знаци на живот. Откако починала била вратена во кумановската болница, по што бил известен јавен обвинител.
Телото утринава е однесено на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија. По добивањето на обдукцискиот протокол јавноста ќе биде информирана за понатамошниот тек на постапката.
На родилката ова ѝ била седма бременост.