Во Министерството за труд и социјална политика денеска се изврши примопредавање на функцијата министер за труд и социјална политика, при што новоименуваната министерка Јованка Тренчевска ја презеде функцијата од досегашната министерка Јагода Шахпаска.
Со тоа министерката за труд и социјална политика Тренчевска и официјално го започнува управувањето со овој сектор.
– Чест и задоволство ми претставува да го предводам секторот во кој со години наназад активно учествував во креирањето на социјалните политики насочени кон граѓаните, а особено кон најранливата категорија. Приоритет ќе ми бидат, унапредување на правата од социјалната заштита, обезбедување на редовни и сигурни пензии, заштита и почитување на работничките права како и грижа за најмладите. Продолжуваме заедно да градиме едно општество за сите. Родовата еднаквост останува и понатаму високо на мојата и на агендата на Министерството за труд и социјална политика, истакна Тренчевска.
Досегашната министерка за труд и социјална политика Шахпаска на нејзината наследничка Тренчевска и посака успешна и плодна работа. Таа ја информираше за тековните проекти на кои работи Министерството, за предвидената динамика за нивна реализација и за евентуалните пречки со кои се соочуваат.
Тренчевска доаѓа од раководната позиција на Државниот инспекторат на труд, а претходно ја извршуваше функцијата државна секретарка во Министерството за труд и социјална политика. Таа е дел од ова Министерство 19 години со нејзино активно учество во креирањето на политиките за родовата еднаквост на жените и мажите, сектор во кој има водечка позиција.
Нејзината досегашна кариера е во насока на унапредување на правата на работниците како и родовата еднаквост меѓу мажите и жените. Министерката Тренчевска е магистер по социолошки науки.