Во отворениот Спортски центар Ново Лисиче во општина Аеродром од утре до 29 јуни ќе се одржува третиот Меѓународен фестивал на комедијата „Гола месечина“ кој го организираат Театар Комедија и Општина Аеродром со поддршка на Министерството за култура.
Ќе бидат изведени осум претстави-комедии на четири домашни театри и четири гостински претстави од околните земји.
Фестивалот утревечер ќе почне со гостување на театарот „Алеко Константинов“ од Софија кој ќе ја изведе претставата „Автобусот“ од Станислав Стратиев во режија на Здравко Митков. На 21 јуни ќе гостува Народниот театар Сараево со претставата „Балкански шпион во Сараево“ од Душан Ковачевиќ во режија на Сулејман Кусуповиќ.
На 23 јуни ќе настапи НТ „Војдан Чернодрински“ од Прилеп со претставата „Хамлет од Горно Дупени“ од Иво Брешан во режија на Кирил Петрески, а на 24 јуни Белградскиот драмски театар ќе гостува со претставата „Елинг“ од Сајмонт Бент во режија на Марко Манојловиќ.
Народниот театар од Охрид на 26 јуни ќе се претстави на „Гола месечина“ со „Парламентарки“ од Сашо Димоски во режија на Ненад Витанов, а следниот ден Народниот театар од Ниш ќе гостува со претставата „Жорж Данден“ од Молиер во режија на Драгослав Савиќ.
На 28 јуни ќе настапи Театарот за деца и младинци со „Македонска приказна“ во режија на Боњо Лунгов, а фестивалот ќе го затвори театарот-домаќин – „Комедија“ на 29 јуни со изведба на „Нешто пропуштаме“ од Горјан Милошевски во режија на Бојан Трифуновски.
На завршната фестивалска вечер ќе бидат доделени и четири награди – за најдобра режија, машка улога, женска улога и Гран-при за најдобра претстава.
Влезот за посетителите и годинава ќе биде бесплатен, а поради големиот интерес за манифестацијата, организаторите обезбедија простор со поголем капацитет – локацијата во Ново Лисиче избрана за годинашниот фестивал има до 3.000 места.
Со поддршка на Министерството за култура, првпат за време на фестивалот ќе бидат промовирани книги-комедии кои имале праизведба во нивниот театар. Целта е да се зголеми издавачката продукција од овој жанр.
Годинава тоа ќе бидат две драми од Венко Андоновски – „За секого има по една“ и „Господарот на кукавицата“ – и ќе бидат објавени верзиите кои биле играни на сцена. Годинава првпат ќе има и работилници за актери од Театар Комедија.