Tри празници во еден ден – Oбрезание Христово, Нова Година, Свети Василиј Велики


Oбрезание Христово, Нова Година, Свети Василиј Велики

Tри празници во еден ден

(Именден празнуваат: Васил, Василка, Васка, Весела, Веселинка, Веска, Нове, Новка…)

На 1 јануари според стариот (односно 14 јануари според новиот) календар христијанските верници празнуваат три празници: Обрезание Господово, Свети Василиј Велики и Православна Нова Година.

Овој празник се совпаѓа со празникот на Свети Василиј Велики во народот најчесто е познат како Василица, а тоа најповеќе асоцира на обичаите и верувањата поврзани со Новата Година. Василица се паѓа во периодот на т.н. Некрстени денови, период што трае од Божик до Водици, кога според легендата Исус не бил крстен и ѓаволите се мачеле да го излажат да не се крсти и да не се исполни волјата божја.

Се верува дека овие денови за човекот се опасни бидејќи тогаш мртвите се во движење, разни вампири, караконџули, вештерки, самовили и други нечисти сили се активни и на сите начини сакаат да му напакостат. За заштита од овие негативни демони човекот во овој период избегнувал некои потешки работи, но изведува и разни магиски заштитни дејствија.

Особено познати се некои обичаи, како бабарските, русалиските и сл. од кои траги на почвата на Македонија се одржале до денес. Посебно интересна е една драмска игра со маски која се среќава на теренот на цела етничка Македонија, но секаде со различни имиња според имињата на учесниците во играта: во Охридско ‒ василичари, во Битолско ‒ бабари, во Скопско-џамалари, во Тиквешијата ‒ џаламари, во Разлошко-сурваскаре, во Костурско и други места во Егејска Македонија ешкари итн. Иако во повеќе места оваа драмска игра се играла во текот на сите дванаесет Некрстени денови, сепак, таа најчесто е поврзана со празникот Василица.

Постојат повеќе обичаи и верувања што се директно поврзани со започнувањето на Новата година. Тука во прв ред е прогнозирањето на среќата и напредокот на секој член од семејството како и на стоката и на земјоделските култури. Во загреана пепел или во нагорена црепна се ставаат зрна жито и во зависност од тоа колку ќе скокне зрното се гледа колку ќе има напредок во претстојната година. Исто така, во црепна се ставаат жарје и се покриваат со вршник, а потоа се гледа тие што се изгорени со бела пепел ќе имаат напредок, а тие што се изгаснати, црни јаглења, ќе доживеат болест и несреќа. На Василица во некои места месат и погача или баница со пара, како што тоа во повеќе места се прави на Бадник, и со тоа се прогнозира кој член од семјството ќе биде најсреќен. Според некои верувања на Василица секој требало да облече нешто ново за да го износи во текот на годината.

 

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1