Двајца мажи и една жена се убиени утринава во пробиштипско Злетово. Според неофицијалните информации, зет со огнено оружје ги застрелал родителите на сопругата и уште едно машко лице.
Тројното убиство во пробиштипско Злетово се случило на две локации, неофицијално дознава Курир.
Утринава зетот со огнено оружје ги застрелал родителите на неговата сопруга во нивната семејна куќа во која тие биле сами. Вториот маж е убиен во друга куќа.
Случајот во полиција го пријавила ќерката на убиените сопружници, сопруга на убиецот, откако слушнала пукотници во домот на нејзините родители. Во моментот на убиството таа била во својата куќа која се наоѓа во близина на нејзините родители.
Според неофицијалните информации, вториот убиен маж на возраст од околу 50 години не бил во роднинска врска со убиените сопружници, ниту со убиецот.
Повеќе детали ќе бидат познати по завршување на полицискиот увид кој е во тек. Полицијата се уште трага по сторителот кој е во бегство.