Граѓаните не треба да плаќаат за шпедитерски услуги за брзите пратки. Износот што тие го плаќаат на т.н брзи пошти дополнително им ги зголемува трошоците. Шпедитерите не ги известуваат граѓаните за можноста усно да ги пријават стоките без трошоци за царинска декларација, а граѓаните не се доволно информирани поради што до Царинската управа стигаат поплаки за високи царински трошоци.
Ваква декларација граѓаните можат да поднесат за мали пратки нарачани преку интернет, испратени по брза или регуларна пошта од страна на странско физичко лице во вредност до 800 евра и тешки до 1000 кг.
Ова не значи ослободување од царински и други давачки. Стоките воглавно се царинат со единствената царинска стапка во висина од 15 % од царинската вредност.
Исклучок се пратки кои содржат тутун и алкохол, за нив се применуваат давачки пропишани во царинската тарифа.