Жените сами ќе одлучуваат дали сакаат породување со царски рез. Не важи одредбата во упатството донесено пред Нова година со која гинеколозите беа ограничени оваа интервенција да ја прават само ако има медицински индикации.
Поради притисокот во јавноста, Министерството за здравство пред три недели го корегираше правилникот.
– Сменето е упатството. Ќе се обидеме на друг начин да стигнеме до посакуваната цел имајќи ги во предвид реакциите во јавноста. Секако жената може да одлучи да оди на породување со царски рез, а гинекологот е должен да и ги предочи предностите и маните, вели Никола Тодоров министер за здравство.
Министерството промовираше нов правилник за водење на здрава бременост. Истото ќе го достават до сите гинеколози во земјата. Целта е подигнување на свеста кај жените дека мора да одат на редовни контроли. Следењето на бременоста ќе се евидентира во електронска мајчина книшка. За надлежните се загрижувачки податоците од минатата година според кои има пораст на предвремено родени бебиња и со мала родилна тежина.
На Гинекологија 18 проценти од родените бебиња се предвремено породени. Имало случај каде мајка од почетокот на бременоста до породувањето воопшто не била на гинеколог. Се завршило со смрт на новороденчето. Со новото упатство и неговата примена, надлежните очекуваат вакви работи повеќе да не се повторуваат.