Двегодишното момче Емил Уамуно е нултиот пациент од кој започна да се шири најновата зараза на вирусот ебола, утврдија лекарите. Момчето кое додека беше живо никој не го знаеше, по смртта стана светски познато само заради страшниот факт дека е првиот пациент од кој почна најсилниот налет на смртоносната епидемија досега.
Не е сосема јасно како момчето се заразило со опасната болест во прашумското село во јужна Гвинеја. Еболата може да се пренесува од животни на луѓе преку инфицирани течности и ткива.
Во декември лани Емил наеднаш добил висока температура, крвава столица и започнал да повраќа. Четири дена подоцна момчето било мртво, а во следниот месец починале и неговата мајка, четиригодишната сестра и бабата.
На таткото на Емил му останале само сеќавања на тоа каков бил неговиот живот пред појавата на опасната болест. „Пред да ми умрат децата, сакаа да си играат со топка. Мојата жена сакаше да ги носи на грб“, рекол Етијен Уамуно.
Семејството живеело во селото Мелианду, во близина на границата со Сиера Леоне и Либерија, па не било потребно многу време за вирусот да се прошири како шумски пожар.
Болеста се проширила надвор од селото откако неколку луѓе од соседните места дошле на погребот на бабата на Емил. Откако болеста започна да се шири починаа речиси 5.000 лица и тоа најмногу во Гвинеја, Либерија и Сиера Леоне.
Во селото на Емил многумина заработуваа за живот тргувајќи со ориз, пченка и банани во блиските градови. Сега од нив никој не сака ништо да купи.
Селаните биле принудени да ги запалат своите душеци и целиот имот за да ја искоренат болеста. Сега се посиромашни од кога и да е.