Двете црни кутии што беа пронајдени на местото каде што во минатата недела се урна полицискиот хеликоптер „МИ-17“, откако удри во предавател висок 120 метри во Струмица, при што загинаа четворица искусни пилоти, ќе се преслушуваат најверојатно во Русија, во градот каде што се произведува леталото.
Македонското Министерство за внатрешни работи, кое е сопственик на хеликоптерот, уште во петокот утрото ги известило земјата производител и самиот произведувач. Од таму с` уште се чека официјална потврда дали нивни експерти ќе бидат пратени во земјава или црните кутии ќе се праќаат во Русија, каде што би се преслушувале. И при несреќата кај Блаце во 2008 година, во која загинаа 11 припадници на АРМ, при уривање хеликоптер од истиот тип – „МИ17“ , црните кутии беа испратени во Русија. И сега веднаш била известена земјата каде што е произведено паднатото летало, пишува Дневник.
Познавачите велат дека поверојатна е втората варијанта, односно опремата да биде однесена во фабриката во градот Kазан, во Русија, каде што со помош на софистицирана технологија ќе се преслушуваат последните мигови пред кобната несреќа. Со ова се очекува да се разрешат многу од дилемите за хеликоптерската несреќа во која загинаа Драги Мицев (45) од Струмица, началник-пилот на хеликоптерската единица „Јастреби“ на МВР, Марјан Трајковиќ (47) од Kуманово, пилот-капетан, Тоде Орешков (44) од село Рожден, Kавадарци, воздухопловен инспектор за лиценцирање воздухопловен персонал, и Иљо Лопатички (46) од Битола, командир-пилот.
Она што засега е познато е дека кобната вечер хеликоптерот летал на релација Скопје-Kавадарци-Валандово-Струмица-Берово-Делчево и обратно.
Од МВР велат дека леталото било редовно сервисирано и во текот на летот во кој е користена опрема за ноќна визуализација пилотите не се пожалиле на проблеми. Од полицијата додаваат дека од четирите хеликоптери „МИ-17“, кои ги поседувало МВР, урнатото летало било најново и со најмалку часови лет. Хеликоптерот е произведен во 2008 година, а набавен е во 2009 година.
Сега со целата истрага и со Kомисијата на експерти ќе раководи Обвинителството, кое ќе ги координира активностите.