Турција ги осуди новинарите на доживотен затвор поради обидот за државен удар


Истанбулскиот суд осуди на доживотен затвор шест лица обвинети за вмешаност во неуспешниот државен удар во Турција во 2016 година, објави турската агенција „Анадолија“.

Агенцијата наведе дека меѓу осудените е и Ахмет Алтан, поранешниот главен уредник на весникот „Тараф“, неговиот брат, новинар и професор Мехмет Алтан, и истакнатата новинарка Назли Илиџак.

Новинарите се обвинети за врски со муслиманскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кој е во егзил во САД, а кого Турција го смета за организатор на неуспешниот пуч на 15 и 16 јули 2015 година. Тие уште од самиот почеток на процесот негираа каква било вмешаност во државниот удар.

Новинарите се прогласени за виновни за „обид за уривање на уставниот поредок на Турција“ и за членство во терористичка организација. Нивното судење беше критикувано од активисти за одбрана на слободата на медиумите. Од „Репортери без граници“ (RSF) на „Твитер“ напишаа дека ова е „црн ден“ за слободата на печатот во Турција.

Минатиот месец турскиот суд одби да го ослободи Мехмет Алтан и покрај одлуката на Уставниот суд во која се вели дека притворот претставува повреда на неговите права. Шеесет и петгодишниот Мехмет Алтан е автор на повеќе трудови од областа на политиката, а беше уапсен во септември 2016 година заедно со неговиот брат Ахмет (67). Илиџак, 73-годишна новинарка и писателка која до 2013 година работеше за познатиот провладин весник „Сабах“, во затвор е од јули 2016 година.

Останатите тројца осудени се поранешниот директор на маркетинг на весникот „Заман“, Јакуп Симшек, иструкторот на полициската академија, Тургул Озенгул, и графичарот во „Заман“, Февзи Јазиџи. По неуспешниот државен удар, турската влада изврши голема чистка, при што беа уапсени повеќе од 50.000 луѓе, а над 140.000 беа отпуштени или суспендирани од работа.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1