Германската полиција вчера го уапси 27-годишниот бугарски државјанин Светислав Стојков, кој на 27 октомври со клоца нападна жена во берлинското метро.
Стојков, за кого се тврдеше дека по инцидентот се вратил во бугарскиот град Варна, каде што живее со сопругата и трите деца, бил уапсен во автобус на главната автобуска станица во главниот град на Германија, јавува дописникот на МИА од Берлин.
Автобусот во кој бил уапсен Стојков пристигнувал од Франција.
Според берлинската полиција, Стојков веќе дал изјава пред истражен судија а тој најверојатно ќе биде обвинет за физички напад со тешки телесни последици поради што се соочува со затворска казна. Жената која што беше нападната зад грб на берлинската метро станица Херманштрасе при падот ја скршила левата рака.
Видеото на кое се гледа како Стојков ја удира жената досега е видено од неколку милиони корисници на видео сервисот Јутјуб.