Вчера во периодот од 8 до 9.30 часот во с. Барбарово, Струмичко, на патот во близина на училиштето, непознат сторител извршил убиство над З.А. (73) од истото село, нанесувајќи ѝ повреди со тврд предмет во пределот на главата.
Телото на З.А. го пронашла нејзината внука, која го известила својот татко – Т.А. (син на З.А.). Истиот, кога видел дека мајка му е мртва, се посомневал дека е убиена од соселанецот А. А. (65).
Веднаш отишол во неговиот дом, зел стап и влегол во просторијата во која бил А.А. и започнале расправија која преминала во тепачка. Во тепачката Т.А. со стапот му нанел повеќе повреди на А.А. во пределот на телото и главата, а А.А. со нож му нанел три убодни рани на Т.А.
По добиената пријава за случувањето, на местото на настанот излегле и увид извршиле јавен обвинител и увидна екипа од СВР Струмица.
Во домот и помошните простории на А.А. бил извршен претрес, при што се пронајдени дрво со кое истиот го извршил кривичното дело, како и два мали ножа на преклоп со кои е повреден Т.А., кои се подигнати и дадени за вештачење.
А.А. е лишен од слобода и е задржан во ПС Струмица. По целосно документирање на настанот против А.А. ќе биде поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело убиство.