Србинот Љубиша Богдановиќ кој утрово уби 13 лица во местото Велика Иванча кај Младеновац, немал полициско досие, а полицијата истражува зошто овој мирен човек, како што го опишуваат неговите познаници, направил вакво злосторство.
Според неофицијалните информации, Богдановиќ пукал во себе дури кога ја видел полицијата.
„Убиецот е од мирно семејство и немал полициско досие. Ќе видиме што е мотивот на овие страотни убиства, едноставно сите сме затечени“, изјави директорот на полицијата Милорад Вељовиќ.
Според него, Богдановиќ во деведесеттите години учествувал во војната во Славонија, имал дозвола за држење на оружје уште од 1981 година. Богдановиќ и неговиот син минатата година останале без работа.
„Немал здравствен картон. Немаме евиденција дека се работи за човек кој можел нешто вакво да направи. Сите зборуваат дека се работи за нормален човек. Сега сè проверуваме, сите сме изненадени“, вели Вељовиќ.
Како што рекле соседите, тој не бил конфликтна личност. „Тој бил мирен човек. Не знаеме што довело до оваа трагедија“, рекле соседите.
Портпаролот на Итната помош, Нада Мацура рекла дека Богдановиќ според нејзините сознанија не бил психички болен. Според неофицијални информации, таткото и чичкото на Богдановиќ пред повеќе години извршиле самоубиство поради непознати причини
Makfaks