Учениците во едно интернационално училиште на Родос нацртале мапа на Европа на која нашата земја ја напишале Македонија, што предизвика негодување кај родителите од кои еден им се обрати на надлежните институции и медиумите.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, таткото на еден од учениците, инаку жител на Родос, ја фотографирал мапата и ја објави на Интернет истакнувајќи дека училиштето, меѓу другото, е финансирано и од средства на локалната власт.
Целиот случај е објаснет во текст под наслов „Родос: погледнете што ги учат нашите деца нашите пријатели Финци“. Според текстот, во финскиот оддел на интернационалното училиште, деновиве била објавена мапа на светот која ја нацртале ученици, чии татковци се Грци. Родителот објаснува дека отишол кај одговорната професорка и прашал зошто на мапата е напишано името на земјата кое Грција не го признава.
„Нејзиниот одговор, во многу интензивен стил, беше дека децата во Финска и Европа учат таква историја и географија“, пишува родителот и потсетува дека децата кои учат во тоа училиште се „и Грци“. Професорката потоа, наводно, му свртела грб и му треснала врата.
Родителот напишал приговор до регионалната власт во кое го осудува објавувањето на мапата со Македонија „во одделот кој е под одговорност на Финска во интернационалното училиште“ и бара тоа веднаш да се смени и да се напише „меѓународното име на земјата, а не како таа се нарекува себеси или како можеби ја нарекуваат некои други земји“. Тој исто така бара овој негов приговор да биде проследен и до повеќе регионални и локални власти, но и до Министерството за образование, Министерството за надворешни работи и финската Амбасада.
Интернационалното училиште на Родос работи од 1999 година и има осум јазични оддели: англиски, француски, германски, италијански, норвешки, холандски, шведски и фински. Училиштето било отворено по иницијатива на родители кои се во мешани бракови и создале семејства во Грција со цел за нивните деца да создадат двојазична и мултикултурна средина. Предавањата се одржуваат попладне секој ден, а наставата ја спроведуваат квалификувани професори.