Угостителите реагираат, Владата подготвена да разговара, но мислењето на експертите останува клучно


Рестриктивните мерки што ги донесе вчера Владата, предизвикаа реакции кај угостителите. Тие претпладнево најавија доброволно затворање на објектите иако сметаат дека новите ограничувања нема да го решат проблемот со зголемениот број заболени од КОВИД. Не ни требаат крпеници од протоколи, туку унифицирани препораки за целокупната угостителска индустрија, наведе Независната угостителска комора (НУК).

Министерот за економија, Крешник Бектеши потенцира дека Владата секогаш го слуша мислењето на експертите. Така е, рече, и во овој случај, со најновите протоколи. Донесени се по предлог на Комисијата за заразни болести. Но, институциите се подготвени да им излезат во пресрет на угостителите и да разговараат со нив ако имаат тешкотии. Засега, оцени Бектеши, нема бројки за пад во угостителскиот сектор. Тоа ќе се види кога ќе почнат да се спроведуваат новите протоколи.

Со реакција излезе и Комисијата за заразни болести. Потсети дека протоколите се во сила повеќе месеци, а НУК го поздравила нивното донесување.

Министерот најави и зголемување на ингеренциите на Пазарната инспекција. Сите институции, оцени, посебно оние што вршат директен надзор, треба да одлучуват навремено за да не се повторуваат случаите на непочитување на здравствените мерки и протоколи. Поради тоа, предлогот за зголемување на ингеренциите на пазарниот инспекторат веќе се разгледуваат и се очекува Владата да ги донесе.

Според Комисијата за заразни болести, која е зачудена од нападите и квалификациите што ги изнесе НУК, препораките за новите мерки целосно се темелат на анализата на епидемиолошката состојба и епидемиолошките анкети од новите инфицирани лица со КОВИД-19. Новите мерки и малата промена на протоколите, како што стои во соопштението од Министерството за здравство, апсолутно не го ограничуваат работењето на угостителските објекти кои и досега можеа да работат, туку превенираат поголеми собири и настани.

-Комисијата во изготвување на сите протоколи досега активно комуницираше со сите чинители, вклучително и со угостителите. Протоколите се на сила повеќе месеци и Комората досега немаше проблем со нив, напротив, го поздрави и се согласи со нивното донесување. Целта на Комисијата за заразни болести е со помеки мерки, а не преку целосно затворање на угостителските објекти да се намали ризикот за ширење на вирусот, а индустријата да може да работи. Искрено се надеваме дека ќе имаме и понатаму успешна соработка и разбирање за одлуките бидејќи тие се исклучиво во насока на заштита на јавното здравје, пишува во соопштението.

Воедно се додава дека во целиот свет и во Европа моментно има есенски бран, а меѓу првите мерки е целосно затворање на баровите и рестораните. На многу места веќе има и нови вонредни состојби.

-Не ни требаат крпеници од протоколи, доброволно ќе ги затвориме објектите на две недели. Но, што ако КОВИД-бројките и натаму растат? Дали Филипче и Караџовски ќе имаат доблест и смелост да им се извинат на угостителите, да ја надоместат штетата и јавно да се признаат дека угостителските објекти не се причина за зараза туку оправдание за избегнување на одговорноста на погрешните мерки и генерални препораки за спречување на ширењето на коронавирусот, наведе претседателот на НУК, Здравко Јосифовски во денешниот допис до медиумите.

Според него, повторно, без никаква дебата или консултација со угостителите, естрадните уметници или коморите и здруженијата, д-р Караџовски, злоупотребувајќи ја Комисијата за заразни болести, самоволно, само поради десетина неодговорни угостители и угостителски објекти, одлучи да казни 6.500 угостители со 35.000 вработени.

-Наместо да изработат и предложат или да ги прифатат нашите предлози за унифицирани препораки на целокупната угостителска индустрија, Комисијата со нови парцијални промени на протоколи за работа само ќе го докомплицира работењето на угостителите и естрадните уметници и ќе предизвика непотребни протести и угостителска криза со Владата. Многу побезболно, подобро и поквалитетно решение ќе беше Владата наместо да удоволи на Комисијата за заразни болести, да излезе во пресрет на барањата на директорот Стојко Пауновски да се зголемат ингеренциите, да даде поголеми надлежности и пренесе нови овластувања на Државниот пазарен инспекторат. Таквото решение и нова ригорозна казнена политика за непочитување на протоколите ќе овозможи инспекторите од ДПИ веднаш да ги казнат, затворат и пломбираат угостителите кои не ги почитуваат важечките законски прописи, уредби и протоколи за работа со што ќе се овозможи на сите останати угостители кои максимално се залагаат во почитување на истите да работат со цел да опстанат, истакнува Јосифовски.

Владата на вечерашната осма седница ги усвои заклучоците од состанокот на Комисијата за заразни болести кои предвидуваат забрана за гостување на пејачи и ди-џеи во сите угостителски објекти, ограничување на јачината на музиката до 55 децибели и намалување на бројот на лица кои може да седат на една маса во угостителски објект од сегашните 12 на четири.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1