Управата за јавни приходи (УЈП) апелира да се пријават приходите од издавање под закуп/подзакуп на имот и имотни права за што во наредниот период најавува едукативни активности.
– Во рамки на Планот за управување со усогласеност со кој се таргетира издавањето под закуп на движен и недвижен имот, во наредниот период УЈП ќе спроведе низа активности, пред се од едукативен карактер, со цел зголемување на свеста и едуцираноста на даночните обврзници за нивните права и обврски, но и преземање мерки за намалување на сивата економија насочени кон високо-ризичните даночни обврзници, каде УЈП има детектирано непријавување или нецелосно пријавување на остварените приходи од кирии, соопшти денеска УЈП.
Приходите остварени по основ на закупнина (издавање на земјиште, станбени или деловни простории, гаражи, простории за одмор и рекреација (викендици), опрема, превозни средства и други видови имот) подлежат на оданочување со персонален данок, и граѓанинот има обврска да ги пријави во УЈП. Тоа, појаснуваат од Управата, се прави со поднесување аконтативна даночна пријава за остварени приходи од имот и имотни права (образец ПДД-АДП/ПИ), во рок од 15 дена од денот на остварувањето на приходите. Кон пријавата задолжително треба да се приложи договор за закуп.
Како што појаснуваат од УЈП, образецот ПДД-АДП/ПИ може да се преземе преку http>//www.ujp.gov.mk/mk/obrasci/opis/26. Пополнетата пријава се поднесува во даночните канцеларии, според местото каде се наоѓа имотот кој се издавате, односно во Контакт центарот во Скопје без разлика каде се наоѓа имотот или преку пошта.
Доколку станува збор за регистриран корисник на системот е-Даноци, пријавата ја пополнува он-лајн и ја поднесува електронски преку https://еtax-fl.ujp.gov.mk.