УЈП не смее да ја зема цела плата за долгови на граѓаните


Банките нема да смеат да ја одземаат целата плата, пензија или социјална помош кога присилно наплаќаат долгови за данок за Управата за јавни приходи, Градот Скопје или општините, предвидува иницијативата за законски измени што народниот правобранител ја доставил до Владата. Според правобранителот, со решенија за присилна наплата на данок од трансакциска сметка, овие институции им налагаат на банките да го одземат целиот износ на приходот што стасува на таа сметка како плата, пензија, социјална помош и слично, а кој во најголем број случаи е единствен приход на граѓаните.

zatvor pari 2По многубројни поплаки од граѓаните, народниот правобранител Иџет Мемети до Владата доставил иницијатива за измени и дополнувања на законите за даночна постапка и за даноци на имот.

– Народниот правобранител утврди дека во постапката за присилна наплата на даночен долг од сметка кај банка, која му припаѓа на физичко лице, постојните нормативни решенија предизвикуваат проблеми и правна несигурност бидејќи не се води сметка за достоинството на должниците и нивните семејства, како и за тоа извршувањето да биде поповолно за должникот – велат во Kанцеларијата на народниот правобранител.

Според нив, со решенија за присилна наплата од УЈП, Градот Скопје и општините не ги применуваат одредбите за ограничувања од присилна наплата, според кои може да одземат само една третина од приходот на граѓанинот.

– Притоа, во најголем број случаи, на физичките лица паричниот износ по оваа основ на трансакциските сметки им е единствениот приход, кој тие го примаат и како резултат на таквиот начин на извршување, тие се оставаат без никакви приходи, со што пак се загрозува и нивната егзистенција – тврдат од кабинетот на народниот правобранител

За народниот правобранител, не е спорно дека институциите во никој случај не смеат да си го наплаќаат долгот на штета на должникот, одземајќи го целиот приход.

– Одземање на целокупниот паричен износ, кој на име плата, пензија социјална помош и слично граѓанинот го прима на својата трансакциска сметка и негово оставање без основни средства за егзистенција претставува повреда на неговите права, неоправдано предизвикување штета, непочитување на законските правила и постапување надвор од уставно прокламираните начела на заштита на основните слободи и права на граѓаните – смета правобранителот.

Дневник

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1