Претседателот Ѓорге Иванов до четврток на полноќ треба да го потпише указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците или да го врати во Собранието со или без забелешки. Собранието го донесе Законот за употреба на јазиците на 11 јануари, а потоа текстот беше испратен во кабинетот на претседателот.
Неизвесно е како ќе постапи Иванов и дали ќе го потпише указот за овој закон. Претседателот, како што посочија од неговиот кабинет, има рок од седум дена да го потпише указот на законот.
Дилемата за тоа дали Иванов ќе го потпише указот и дали законот ќе го врати со забелешки до Собранието, за што има право предвидено со Уставот и со Деловникот, беше отворена по неговото редовно годишно обраќање во Парламентот во кое кажа дека законот е неуставен и претставува закана по унитарноста на државата.