Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје денеска испрати порака – децата да бидат на прво место за време на претстојните локални избори. Како што наведува во соопштението, овие избори се можност за храбри и трансформативни заложби што ќе му помогнат на секое дете да напредува и да го достигне својот целосен потенцијал.
УНИЦЕФ истакнува седум приоритети и една цел. Приоритетите се: Поддршка на децата изложени на ризик од сиромаштија, Давање приоритет на едносменска настава за секое дете, Проширување на услугите за предучилишно образование и грижа за децата, Отстранување на бариерите со кои се соочуваат децата со попреченост, Поддршка за децата во ризик од насилство, Локалните климатски акции и акциите за заштита на животната средина да стават фокус на децата и Промовирање здрава исхрана во и околу училиштата, додека единствената цел е: Децата на прво место.
-Во пресрет на локалните избори во Северна Македонија, имаме единствена можност да го насочиме вниманието кон благосостојбата на децата и да ги поттикнеме сите учесници во локалната заедница да го постават нивниот развој како приоритет. Речиси една третина од населението се деца, сепак тие и понатаму се непропорционално погодени од сиромаштија, исклученост и недоволни вложувања. Локалните власти имаат моќ да го променат ова. Одлуките што се носат на локално ниво – за училиштата, градинките, парковите и другите места во заедницата – ги обликуваат местата каде што децата живеат, учат и се играат, нагласуваат од Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје.









