Последниве неколку месеци, Соросовата Фондација „Отворено општество Македонија – ФООМ“ и невладините организации под нивниот чадор силно негодуваат и леат крокодилски солзи, како да ги удрила страшна несреќа. Им се жалат на претставници на странски држави, организации и амбасадори. Се жалат насекаде и ги напаѓаат државните институции и власта, која вршела притисок врз нивната работа. Некои електронски и печатени медиуми и портали под нивна контрола и финансирани од нив, континуирано објавуваат написи дека со контролите на Управата за јавни приходи, Финансиската полиција и Министерството за внатрешни работи се врши напад на НВО и оти УЈП и ФП се злоупотребуваат за креирање случај против НВО. Се подгрева атмосфера дека овие активности се спроведуваат со намера да се замолчи граѓанското движење во државата. За нив е неприфатливо инспектори од УЈП и ФП да влезат во НВО финансирани од Фондацијата на Сорос и со средства од даночни обврзници од САД и да вршат контрола на материјално-финансиското работење. Тоа го оценуваат како хајка, невиден притисок, мешање во нивната работа и реваншизам.
Сорос – тутор на невладиниот сектор
Во јавните настапи и изјави од 10 март годинава, пренесени од некои телевизии и портали, Фани Kаранфилова-Пановска, извршна директорка на Соросовата Фондација изјавува дека: „Граѓанското општество во Македонија е во еден од најтешките моменти од своето опстојување. Граѓанските организации од средината на декември до ден-денеска се соочуваат со сериозни притисоци од државните институции. Во над 20 организации с` уште се присутни инспекторите на УЈП, чии што истраги се однесуваат на петгодишното работење на граѓанските организации. Особено загрижува последнава недела, кога 13 организации се посетени од Финансиската полиција и од Министерството за внатрешни работи по барање на Основното јавно обвинителство во предистражна постапка за непознат основ, бидејќи така како што ги водат постапките упатува на тоа дека не знаат што бараат“. Иако од оваа Фондација и нејзини преставници може сешто де се очекува, сепак, ова е премногу дрско и безобзирно.
Во Република Македонија има регистрирано над 14.000 невладини организации запишани во Централниот регистар, од кои 7.280 се активни, со ажурирана состојба за 2015 година и тие ги вршат работите за кои се регистрирани. Kој ја овласти извршната директорка на Фондацијата на Сорос, Фани Kаранфилова-Пановска, да говори од името на целото граѓанско општество во Македонија и да се наметнува како тутор и заштитник на граѓанскиот сектор? Со кое право повредува многу прекрасни посветени граѓани во здруженија од различни области што им помагаат на граѓаните и општеството и за заштита на природата. Очигледно е дека тргнувајќи од финансиската моќ, оваа Фондација се бори и натаму да го командува и држи во заложништво и зависност невладиниот сектор во Македонија. Со ваквите изјави сака да го одвлече вниманието од Соросовата фондација, токму сега кога работите излегуваат на виделина и кога се откриваат манипулациите што не можат да се скријат.
Соросовата фондација – невладина влада во Македонија
Во Стратегијата на ФООМ за работа од 2014 до 2017 година се наведува дека ФООМ „посветена на враќање на демократијата и демократското владеење ги исполнува своите стратешки цели преку поддршка на 12 граѓански организации“. Ова значи дека преку 12 невладини организации ФООМ ќе ги враќа демократијата и демократското владеење во Македонија. Тоа се столбовите на кои се потпира ФООМ, а тие столбови се подигаат и крепат со големи парични средства, грантови, хонорари, надоместоци и договори за реализација на проекти претежно за „враќање на демократијата“. Тоа се препознатливите Соросови НВО, кои се наоѓаат на список на приматели на парични средства и грантови како што се НВО Инфоцентар, Фондација Метаморфозис, Хелсиншкиот комитет за човекови права, Форум – Центар за стратегиски истражувања и документација, Евротинк – Центар за европски стратегии, Транспарентност Македонија, ЦДРИМ – Центар за демократски развој и иницијативи, Реактор – истражување во акција, Младински образовен форум, ХЕРА, Транспарентност Македонија, Македонски центар за европско образование (МЦЕО), порталите Плусинфо, Окно, А1он мк и Порталб и повеќе десетици здруженија што добивале грантови од средствата на Фондацијата и средства од УСАИД за поддршка на граѓанското општество, пренесени на Фондацијата.
Обучувани демонстранти за протести
Се стигнало до таму што со невидена дрскост се истакнува дека обуки што биле спроведувани, биле потврдени на протести! Така, во Извештајот на ФООМ за 2014 година се наведува дека Фондацијата Метаморфозис ја проширила и ја засилила алтернативната инфраструктура за информирање и мобилизирање на граѓаните со користење на новите технологии. „Преку низа обуки, менторства и тактичка поддршка на нивните напори и преку онлајн промоција на тематски мрежи на НВО и независни медиуми беше зајакнат капацитетот на јадрото од невладини организации, активисти и интелектуалци за користење на новите технологии“. Постепениот успех на усвојувањето на овој вид дејствување од страна на граѓанскиот сектор „беше видлив во зголемениот ефект од употребата на нови технологии при организирањето, одвивањето и известувањето за протестите во втората половина на 2014 година, како што биле студентските протести, протестите на хонорарците, протестите за ГТЦ и други! Со овие активности Фондацијата „Метаморфозис“ продолжила и во 2015 година. Несомнено, резултатот на новите технологии бил проверен и потврден на протестите и тоа се наведува како успех. Видовме што с` можат да направат обучени протестанти и во наредните години, кои демолираа и оштетија многу објекти и споменици, ја напаѓаа полицијата и нанесоа големи штети на државата. Фондацијата „Метаморфозис“ во билансот на приходите за 2014 година прикажала приходи од членарини, подароци, донации и други извори од 29.661.520 денари, а во 2015 година скоро двојно повеќе 57.765.814 денари или над еден милион долари.
УСАИД донатор на Сорос ФООМ
Во Извештајот на ФООМ за 2012 година на страница 13 се наведува дека УСАИД ги препознал заложбите за поддршка на граѓанското општество, што резултирало со потпишување Договор за соработка за имплементација на Проектот на УСАИД за граѓанско општество. Договорот бил склучен во време кога со Фондацијата раководел извршниот директор Владимир Милчин, поранешен член на висок орган на СДСМ. Вредноста на договорот изнесувала 2,5 милиона долари за периодот февруари 2012 – август 2014 година. Од тогаш УСАИД станува донатор на Соросовата фондација во Македонија. Во завршниот дел од Извештајот на ФООМ, се наведува дека УСАИД е прв на листата со донатори, како што е прв и во 2016 година. Договорот што бил склучен му овозможил на ФООМ да ги прошири своите интервенции и да бидат доделени 26 гранта. Не се наведува на кои организации им се дадени грантовите и во какви износи. Во средината на 2014 година бил продолжен договорот на ФООМ со УСАИД за имплементација на Проектот за граѓанско општество до август 2016 година.
Во финансиските извештаи на ФООМ за 2013, 2014 и 2015 година се прикажани средствата што Фондацијата ги потрошила во овие години. Вкупниот износ на потрошени средства на ФООМ во 2013 година изнесувал 319.784.116 денари, од кои 210.583.675 денари потекнувале од Фондациите отворено општество, а 109.200.441 денари од други донатори. Во 2014 година износот на потрошени средства изнесувал 218.046.776 денари, од кои 165.706.323 денари потекнувале од Фондациите Отворено општество, а 52.340.452 денари од други донатори и во 2015 година биле потрошени 310.130.413 денари, од кои 209.998.890 денари потекнувале од Фондациите Отворено општество, а 100.131.523 денари од други донатори. За 2016 година не е јавно објавен годишен финансиски извештај.
Од извештаите се гледа дека за 3 години од ФООМ се потрошени над 848 милиони денари или над 15 милиони долари, од кои 586 милиони денари од Фондацијата на Сорос, а 297 милиони денари или над 5,3 милиони долари од други донатори. Во извештаите не се наведува ништо од кои донатори се овие средства. Дали покрај 2,5 милиони долари предвидени со договорот од 2012 година се работи за други средства што УСАИД како донатор ~ ги префрлил на Соросовата фондација во Македонија, веројатно, ќе биде познато во одговорот на барањата над повеќе сенатори и конгресмени на американскиот Kонгрес.
Закон за здруженија и фондации
Република Македонија води посебна грижа за развој и унапредување на граѓанскиот сектор. На 12 април 2010 година е донесен Закон за здруженија фондации со консензус на невладиниот сектор, кој беше целосно вклучен во подготовките и донесувањето на Законот и со европска експертиза и ги задоволува највисоките европски стандарди. Со членот 49 се предвидува дека невладините организации можат да добиваат средства од Буџетот на Република Македонија, буџетите на општините и градот Скопје. Владата, односно надлежните органи на државната управа и општините и градот Скопје донесуваат годишни планови и програми за распределба на средствата на невладини организации и јавно ги објавуваат.
Извршниот директор на Фондацијата во многуте настапи и неосновани напади, со ниту еден збор не го споменува Законот. Ако го почитуваше, ќе видеше дека според членот 101 надлежен орган за контрола на финансиското работење на организациите е Министерството за финансии. Финансиската полиција и Министерството за внатрешни работи постапувале по барање на Јавното обвинителство, согласно одредбите од Законот за кривичната постапка, а таа е најмалку повикана да оценува дека не знаеле што бараат.
Од оваа Фондација и толку многу НВО и медиуми финансирани од неа, континуирано се настапува тотално негаторски, без ниту еден позитивен или приближно реален приказ на состојбите во државата, а сега многу им пречи работата на надлежните државните органи.
Пароли како на СДСМ
Многу години и со многу големи финансиски средства од Соросовата фондација и со средства од даночните обврзници од САД донирани од Агенцијата УСАИД на Фондацијата на Сорос во Македонија, со многу засилена активност, голема негативна енергија и бескрупулозни подметнувања и лаги и со сите средства се настојува целосно да се деградира и да се руши системот на власта, институциите на системот и носителите на функции, со што се нанесуваат големи штетни последици на општеството и граѓаните. Многу индикатори говорат за тоа дека сето ова што се прави е во служба на опозицискиот СДСМ, настанат од поранешната Kомунистичка партија најпрвин како СKМ-ПДП, а потоа Социјалдемократски сојуз на Македонија, со цел остварување на нивната цел за враќање на власт по секоја цена.
Паролата за „враќање на демократијата и слободата“ се препознатлива во настапите токму на челниците на СДСМ во предизборниот и во постизборниот период, а токму оваа Фондација ја посветува Стратегијата за развој од 2014 до 2017 година на „враќање на демократијата и демократското владеење.“
Михајло Маневски за Дневник