Уште еден скопјанец бил нападнат од куче вчера околу пладне во близина на центарот на градот, потврдија од полицијата. Се шпекулира дека станува збор за полицаец, а оваа вест денеска ја пренесоа и неколку портали, заедно со информацијата дека немало серум против тетанус. Па колегите на полицаецот, освен што морале да трагаат по кучето, се дале во трка и по вакцина против беснило, која мора да се прими во рок од 24 часа по каснувањето.
На прашањето дали и вработен во МВР вчера бил каснат од куче, од полицијата изјавија:
– На 08.11.2018 година во 15.10 часот Б.И. (36) од село Сингелиќ, Скопско, пријавил дека околу 13.30 часот на паркинг простор позади хотел на булевар “Гоце Делчев” бил нападнат од куче скитник – информираа од МВР.
Како што пренесоа дел од порталите, очевидци изјавиле дека бил нападнат само еден од повеќе присутни полицајци во цивил од едно од петте кучиња скитници. Нападот се случил во близина на МТВ и хотелот ВИП, кога кучето незабележано му пришло зад грб и го нападнало човекот без причина.
Бегајќи од кучиња скитници, во Вардар пред три дена се удави 17-годишна ученичка од Гостивар.