Условна казна за екс-градоначалникот Марјан Ристески


Поради сторено кривично дело „несовесно работење во службата“, Основниот суд во Прилеп го прогласи за виновен поранешниот градоначалник на Прилеп, Марјан Ристески. Судот го осуди Ристески со парична казна од 60 глоби, или на вкупна парична казна од 36.900 денари.

На експрилепскиот градоначалник судот му изрече и алтернативна мерка, односно условно го осуди на казна затвор во траење од шест месеци, која нема да се изврши доколку во рок од една година не стори ново кривично дело.

За остварување на имотно-правно барање за надомест на штета, Судот ја упатува оштетената страна, ЕЛС Општина Прилеп, да поведе спор.

Ристески е прогласен за виновен, затоа што во периодот од 18 јули 2015 година до 6 октомври 2016 година, за време на вршење на функцијата градоначалник на Општина Прилеп, несовесно постапувал во вршењето на своите овластувања и должности, што било спротивно на Законот за локална самоуправа и Законот за користење и располагање со предметите во државна сопственост и со предметите во општинска сопственост.

Ристески не ја осигурил од штети зградата на Општина Прилеп, со што на Општината ѝ нанел штета во износ од 238.750 денари. Штетата настанала за време на одржувањето на „Шарената револуција“, во април, мај и јуни 2016 година.

Подносител на кривичната пријава е адвокатот Жарко Стеваноски, кој против поранешниот прилепски градоначалник има поднесено и други кривични пријави.
Во моментов, против Ристески се води постапка и за друго кривично дело, што е наведено и во пресудата со која тој беше прогласен за виновен.

(Објавено во Слободен печат)

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1