Уставот почнува да се менува од утре


Предлогот за уставни измени во вторник ќе го разгледува собраниската Комисија за уставни прашања, чиј претседател е првиот парламентарец, Трајко Вељаноски.
Предлагач на уставните измени е Владата на Република Македонија. Процедурата за носење на уставните измени треба да заврши за 3,5 месеци, односно според очекувањата, до средината на октомври.

USTAVДефинирање на бракот како заедница меѓу маж и жена, прецизирање на фискалните правила во рамките на Буџетот, и тоа за буџетскиот дефицит и јавниот долг, промена на називот на Народната банка на Република Македонија, воведување на институтот Уставна жалба, промена на составот на Судскиот совет, промена на надлежноста за одлучување по жалба на одлуките на Судскиот совет за избор на судии, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на судија или на претседател на суд и воведување надлежност за одлучување по жалба на одлуките на Советот на јавни обвинители за избор на јавни обвинители, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на јавен обвинител од страна на Уставниот суд, создавање на уставна можност за формирање на финансиска зона, пристапување кон измени на Уставот со цел дефинирање на Државниот завод за ревизија како уставна категорија се предлозите за уставни измени што на 28-ми минатиот месец ги соопшти претседателот на Владата, Никола Груевски.

Потребата за измени на Уставот, Собранието со двотретинско мнозинство треба да ја утврди на седницата закажана во среда на 16 јули. Потоа уставните измени ќе бидат вратени во Владата, која во рок од седум до десет дена треба да изготви нацрт-амандмани за кои во текот на следните триесет дена треба да се гласа во Собранието.

Според процедурата, откако ќе го поминат собранискиот филтер, нацрт-амандманите се враќаат во Владата.

Се очекува овие нацрт-предлози да се изгласаат до крајот на август, по што ќе бидат дадени на јавна дискусија. Сите засегнати во периодот на јавна дискусија ќе имаат можност да дадат свои предлози, по што Владата ќе треба во рок од 30 дена да изготви предлог-амандмани и да ги врати во Собранието.

За секој предлог-амандман ќе се гласа поединечно со двотретинско мнозинство.
Доколку во првата фаза не се изгласа потребата за уставни измени, целата постапка се запира. За вака предложени амандмани не е потребно Бадинтерово гласање.
Последните измени на Уставот беа донесени на 12 април 2011 година.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1