Велосипедско дефиле под мотото „Во град без мојот автомобил“ ќе се одржи в петок од 10:30 до 13 часот во Скопје по повод Европската недела на движење, која оваа година се одржува под мотото „Чист воздух – ти си на потег“, пренесува МИА
По тој повод Град Скопје ги повикува сите граѓани и институции, в петок да ги остават паркирани своите возила и да се одлучат за јавниот градски превоз, да ги земат своите велосипеди, или да пропешачат до своите работни места и да дадат придонес за зачувување на животната средина.
– Целта на манифестацијата е на граѓаните да им се пренесе пораката дека преку изборот да користат велосипед, јавен транспорт или пешачење наместо своите автомобили, имаат можност да дадат придонес за подобрување на квалитетот на воздухот во градот и подобрување на својата животна средина, информира Град Скопје.
Велосипедското дефиле ќе стартува кај Портата Македонија, а ќе заврши во Градскиот парк, каде ќе се организира лотарија за доделување на 16 велосипеди и 2 „тетоважи” за велосипеди на учесниците во дефилето, како и саем на велосипеди од познати светски брендови, бесплатна работилница за поправање велосипеди…Предвидено е да учествуваат средношколците од Скопје и граѓани кои се љубители на велосипедизмот.
Организатори на дефилето се Град Скопје, Министерството за животна средина и просторно планирање и Делегацијата на Европската Унија во Република Македонија.