Родителите на деца до шест годишна возраст утре излегуваат на протест пред Владата против одлуката за враќање на работа од 23 септември. Тие бараат промена на одлуката, односно продолжување на отсуството до крајот на годината, како што претходно препорача Комисијата за инфективни болести.
Вчера реагираа и самохраните родители за кои е нејасно зошто се враќаат на работа една недела пред да почне учебната година и кој во тој период ќе им ги чува децата. Според нив, проблем и фактот што образовниот процес се организира од 8:30 до 10:30 часот наутро, бидејќи и по овој период, некој ќе треба да се грижи за нивните деца.
За министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска нема ништо спорно во одлуката на Владата. Таа смета дека мерката за отсуство од работа на родителите на деца до шест години и на оние со продолжено породилни отсуство станало беспредметно со отворањето на градинките но нема одговор, како ќе бидат згрижени децата кои посетуваа целодневна настава и дневен престој и кој ќе се грижи за нив откако ќе се вратат од училиште па се додека нивните родители се вратат на работа.