Работните групи на власта и опозицијата в петок треба повторно да се состанат во нов обид да се постигне согласност околу предлог-законот за Јавното обвинителство со кој се решава и статусот на Специјалното јавното обвинителство.
На првата средба во понеделникот не беше постигнат договор, но двете страни се согласија уште еднаш да ги разгледаат изнесените аргументи, да се преиспитаат ставовите и ако евентуално има одредени поместувања, повторно да се состанат в петок.
За власта е неприфатливо барањето СЈО да биде дел од Обвинителството за организиран криминал, ниту прекинување на истрагите и обвиненијата. Поддржуваат решение СЈО да продолжи како обвинителство, а не како одделение во друго обвинителство.
За опозицијата, пак, неприфатливо е СЈО да не одговара пред никого и само да создава буџет, кој никој од надвор нема да го контролира. Друга клучна разлика е судбинатата на истрагите што се во тек од страна на СЈО, предистражните постапки и обвиненија што се покренати по 18 месеци од предавањето на материјалите.
Работната група на опозицијата најави дека до утре ќе поднесе амандмани на законот. Тони Менкиновски, кој ја предводи групата, вели дека имаат забелешки на 120 страници, но оти има простор за договор.
Владејачкото мнозинство очекува законот за јавното обвинителство да биде донесен до крајот на март,односно пред почетокот на кампањата за претседатеските избори. Тоа е и еден од условите за отворање на преговорите со ЕУ на почетокот на јуни.