За три дена ова е второ покачување на водостојот на реката и излевање во Велес. Водата се излеа од реченото корито и во градините во населбата Шорка, јавува Дума.мк.
Таму засега под вода се само градинарските култури насадени покрај самото речно корито. Градинарите велат дека дваесет и четири часа ја следат состојбата. Според нив доколку денеска не заврне силен дожд тогаш ќе има можност да се спасат доматите, пиперките и останатите раноградинарски култури. Во спротивно нив водата ќе ги однесе. Исто така градинарите апелираат до вработените во браната Козјак да не испуштаат големи количини на вода во Вардар.
Во изминатите 24 часа, според информации на Управата за хидрометеоролошки работи, водостојот на Вардар кај Велес е зголемен за 60 см. Вчера утро во 7.30 часот протокот на вода изнесувал 180 а утрово 240 литри во секунда.