На Велики Петок не се извршува божествена Литургија, а на часовите повторно се читаат евангелијата на неговите страдања. Вечерната (изнесувањето на плаштеницата) е посветено на погребувањето на Исус и обично се извршува во средината на денот.
Обичај е на тој ден да се вапсаат велигденски јајца во црвена боја, која со симболичка смисла ја претставува невино пролеаната крв на Христос. Според христијанското учење, страдањето му претходи на воскресението, а без страдање и смрт нема воскресение.
Православниот канон за Велики петок предвидува строг пост со вода, а многу верници на тој ден не пијат, ниту јадат до зајдисонце.
За овој ден Црквата пропишува најстрог пост, денот да помине без јадење и пиење (освен за немоќните и престарените), во знак на таговно сеќавање на настаните од она време.
Покрај постот, на денот на христијанската жалост не се работи по дома, ниту на поле.