Вицепремиерот и министер за надворешни работи на Грција, Евангелос Венизелос, носел родено презиме Туркоглу, што во превод од турски јазик значи „син на Турчин”, но истото го сменил со цел да напредува во својата политичка кариера.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, оваа информација ја доставила американската амбасада во Атина до својата централа, а неодамна преку сајтот „Викиликс” излезе во рамки на откриените коресподенции на дипломатските преставништва на САД ширум светот.
– Документот на американската амбасада во Атина, откриен од страна на „Викиликс”, ги потврдува долгогодишните гласини дека првичното име на господин Венизелос, лидер на партијата ПАСОК и министер за надворешни работи на Грција, било Туркоглу (што на турски јазик значи „син на Турчин”). Овој факт, сам по себе нема да има значителна вредност, но би можел да имплицира дека министерот го променил своето презиме оти проценил дека тоа ќе биде пречка за неговата политичка кариера,се наведува во објаснувањето на американската депеша на страницата на посочени интернет-сајт предводен од Џулиан Асанж.
Овој документ, кој првично е објавен уште на 7 октомври 2009 година, но повторно реобјавен на 27 јули 2013 година има уште една интересна точка, а тоа е дека во него се проценува дека „разбирањето на Венизелос на прашањата од одбраната во моментов е минимално” оти документот е подготвен додека тој е министер за националнаодбрана на Грција.
– Евангелос Венизелос, лидер на ПАСОК, фракција што традиционално беше опозиција на Папандреу. Универзитетскиот професор по Уставно право роден во 1957 година, господин Венизелос (роден Туркоглу) се судри со Папандреу за партиското лидерство во 2007 година и решително изгуби. Тој првпат влезе во грчкиот парламент во 1993 година и се искачи до статус на водечки член на ПАСОК од Солун. Господин Венизелос држеше министерски места во претходната администрација предводена од ПАСОК и беше член на врвните партиски органи, се вели во документот на американската амбасада во Атина.
Венизелос е вицепремиер и министер за надворешни работи на Грција од 25 јули 2013 година, а претходно беше вицепремиер и министер за финансии од 17 јуни 2011 до 21 март 2012 година. Тој е член на грчкиот парламент од Панхеленското социјалистичко движење (ПАСОК) за првата изборна единица на Солун.
Според неговата официјална биографија, тој не е поврзан со поранешниот грчки премиер Елефтериос Венизелос, иако носат исто презиме, кое според американската администрација тој го променил за да напредува во кариерата. Својата активна политичка кариера, Венизелос ја започна како портпарол на Владата на 13 октомври 1993 година, а од 8 јули 1994 година до 15 септември 1995 година беше и министер за печат и медиуми за потоа во серија да ги менува министерските кабинети, па беше министер за транспорт и комуникации (1995-1996 година), министер за правда (1996), министер за култура (1996-1999 година), министер за развој (1999-2000), повторно министер за култура (2000-2004), министер за национална одбрана (2009-2011), министер за финансии (2011-2012), вицепремиер (2011-2012) и од 25 јуни оваа година е вицепремиер и министер за надворешни работи.
Според официјалните податоци, Венизелос е директно вмешан во спорот за името „Македонија” во периодот кога елементи во Грција се спротивставуваат на употреба на името „Македонија” од страна на новата независна Република Македонија.
Колумнистот на „Атина Њуз”, Марк Драгумис, во една прилика ќе напише: – Во февруари 1994 година, како министер за информации, Венизелос беше оној што го убедуваше болниот премиер Андреас Папандреу да го наметне идиотското ембарго на земјата што подоцна беше именувана како ПЈРМ, ќе истакне Драмулис, според кого, мотивацијата на Венизелос за ова била “да се добијат националистичките гласови во неговата изброна единица во Солун”.