Венко Филипче е потврден кандидат за министер за здравство, а се чекаат останатите коалициски партнери да ги достават нивните предлози за останатите испразнети места и сите во пакет како предлог на претседателот на Владата да се достават до Собранието.
Ова го посочи портпаролот на Владата Миле Бошњаковски во одговор на прашање на денешната прес-конференција, нагласувајќи дека се работи за технички момент кога ќе се испратат имињата.
– Имињата на кандидатите за министри наскоро ќе бидат доставени до Собранието, рече Бошњаковски.
Тој потврди дека е предвидено да има референдум доколку се најде заедничко прифатливо решение со Грција и додаде дека преговорите течат и оти во оваа фаза се уште нема видливо решение за проблемот што го има Грција со нашето уставно име.
Прашан дали премиерот Заев за Нова година ќе оди во Солун, посочи дека не може да даде прецизен одговори и нагласи дека во моментов се уште се утврдуваат некои детали.