Вештачењето покажа дека Саздовски починал од силен удар


Со сослушување на вешто лице од судска медицина, предложен од обвинителството за дополнително изведување докази по реконструкцијата на настанот, денеска во Кривичниот суд во Скопје продолжи судењето на Бесир Беља и Скендер Демири, обвинети за убиството на 20-годишниот Никола Саздовски – Саздо.

Вештакот рече дека по направената реконструкција и увидот во списите, остануваат на ставот за начинот и причините на смртта на сега покојниот Саздовски.

– Сега покојниот починал по силен удар, а не од пад или удар на асфалт или кутија, со оглед дека на телото не се констатирани никакви повреди од пад на тврда подлога, што е наведено и во претходните вештачења и искази пред овој суд, истакна вештакот.

Случајот го води судијката Даниела Алексовска-Стојановска, и на почетокот ги повика обвинителството и одбраната доколку имаат дополнителни докази да ги предложат, со оглед дека е исцрпена листата на предложени докази по извршениот увид во списите од реконструкцијата на настанот.

Судот на почетокот на денешното рочиште го одби предлогот на одбраната за повторно сослушување на вештото лице, поради како што во вештачењето не било побарано тоа лице да вештачи во однос на болката и интензитетот на страдање на сега починатиот, туку во својот исказ тој само се повикува на вештачењето изработено од судска медицина.

Бранителот Насер Рауфи, претходно предложи уште еднаш да се повика вештото лице од судска медицина, кое е веќе сослушано, а во однос на неговото вештачење за нанесената болка и страдање на сега починатиот Саздовски.

Обвинителството изрази противење на ваквиот предлог, со оглед дека вештото лице е веќе сослушно и се има произнесено за болката и страдањето.
Денешната главна расправа ефективно започна по речиси час и половина од првично закажаниот термин. Најпрво поради големиот интерес на јавноста и малата судница имаше 15-минутно доцнење за да се сместат сите, за потоа судечкиот совет да се повлече на 15 минути, за да одлучи по барањето на одбраната за повторно повикување на вештото лице. На крај, кога требаше да биде соопштена одлуката на судот и да се продолжи рочиштето, се чекаше еден од адвокатите на одбраната да се врати поради тоа што излегол да се јави на друго судење, па се изгубија дополнителни 20 минути.

Според обвинителниот акт, Беља и Демири заедно со Ј. Љ. (19), кој е во бегство, на 29 јуни минатата година крвнички го претепале Саздовски на автобуската постојка пред фабриката „Алкалоид“ на булеварот „Александар Македонски“ во Автокоманда.

Од здобиените повреди, Саздовски на 9 јули 2018 година почина на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување – КАРИЛ во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

Двајцата од напаѓачите, Бесир Беља и Скендер Демири, се во притвор во затворот „Скопје“ во Шутка, а за третоосомничениот, кој сè уште е недостапен за органите на прогонот, е распишана домашна и меѓународна потерница.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1